Украина: Дебаљцево- жариште на борбите
Украинската војска потврди и дека бунтовничките борци влегуваат во самиот град и дека користат минофрлачи, ракетни фрлачи и автоматски пушки...

Истече рокот за повлекување на тешкото вооружување во Украина, но, на улиците од Дебаљцево се водат улични борби меѓу украинските и проруските сили, два дена по прогласувањето на прекинот на огнот. Ова е првпат да се соочат гради в гради. Досега имаше само артилериска размена на оган меѓу владината војска и припадниците на проруските бунтовници.
„Пред малку добивме оперативни информации за Дебаљцево. Во моментот се одвиваат сурови борби. Нашите војници се на своите позиции и имаат дозвола да ги возвратат нападите. Тие се на позициите на коишто беа и во претходните неколку месеци“, изјави Андриј Лисенко, портпарол на украинската војска.
Украинската војска потврди и дека бунтовничките борци влегуваат во самиот град и дека користат минофрлачи, ракетни фрлачи и автоматски пушки.
„Терористите најжестоко го напаѓаат Дебаљцево. Генерално, во текот на ноќта непријателот 15 пати ги нападна нашите позиции“, изјави Лисенко.
Лисенко потврди дека во последните 24 часа се убиени најмалку 5 украински војници, а деветмина се ранети. Борбите продолжуваат и во близина на областите Доњецк и Луганск. Проруските сили тврдат дека дури 8 000 украински војници се заробени во тој дел, но официјален Киев ја негира таа информација.
Лидерот на Самопрогласената Луганск, тврди дека републиката ја исполнува обврската за повлекување на тешкото вооружување во согласност со договорот од Минск и дека тоа го очекуваат и од другата страна. Украинската војска, пак, стои на ставот дека е подготвена да почне со повлекување на вооружувањето штом се испочитува целосниот прекин на огнот.
Марина Автовска
