Брисел нема „план Б“ за Грција – часовникот одбројува до банкрот!
Грците играат „руски рулет“ со сопствената држава коментираат европските аналитичари по неуспешните преговори во Брисел за антикризните мерки. Грција е се поблиску до излез од еврозоната...

Грција во економски ќорсокак по вчерашните втори неуспешни преговори со 19-те министри за финансии на еврогрупата. Отчукуваат последните 48 часа за спас на земјата од натамошен колапс. Даден е рок до петок, Атина да ја прифати спасувачката програма. Министерот Јанис Варуфакис, кој ги одби сите компромисни предлози и предизвика хаос, сепак е оптимист.
„Нема сомнение дека наредните 48 часа се решавачки за нас. Следниот чекор е многу важен. Ние европејците знаеме како од почетното несогласување низ расправа да дојдеме до добро и чесно решение“, изјави Варуфакис.
Неуспешните преговири условија остар пад на еврото и на акциите. Аналитичарите велат дека земјата неделно губи 400 до 500 милиони евра. Еврокомисијата соопшти дека еврозоната бара решение за кризата, но како што изјави еврокомесарот за економски и финасиски прашања Пјер Московиси, нема алтернативен план за Грција.
Германскиот министер за финасии, Волфганг Шојбле не попушта, Грција мора да ги враќа земените пари од „тројката“. Малку светлина во грчкиот тунел внесе изјавата на првиот човек на Еврогрупата.
„Следниот чекор мора да го преземе Грција. Таа може да побара продолжување на актуелната програма до крајот на неделата“, изјави Јероен Дијселбом, претседател на Еврогрупата.
„Доаѓаме до критичен момент за Грција и Еврозоната, и ги повикуваме сите страни да постигнат договор, бидејќи во спротивен случај ќе има тешки последици за финансиската стабилност“, смета Џорџ Озборн, министер за финансии на Велика Британија.
Министрите очекуваат грција до 28 февруари да го прифати пакетот мерки под истите услови што важеа досега, или да се одрече од европската помош. Доколку не дојде до конечно решение, земјата може да излезе од еврозоната што ќе предизвика огромни последици за унијата и за вредноста на валутата.
Досега на Грција и беа отпишани 100 милијарди, но и покрај тоа, земјата должи 320 милијарди евра.
Марија Петковска
