Хан: Опозицијата да се врати во Собранието
Тука сум за да помогнам да се најде излез од политичката состојба. Опозицијата да се врати во Парламентот, и таму да се решаваат сите политички прашања- ова е пораката на еврокомесарот за проширување, Јоханес Хан ...

„Мојот став и ставот на ЕУ е дека сите политички партии треба да ја имаат политичката дебата во Парламентот, а не надвор од Парламентот. Тука сум за да помогнам да се најде излез од политичката состојба. Опозицијата да се врати во Парламентот, и таму да се решаваат сите политички прашања“. Ова е пораката на еврокомесарот за проширување, Јоханес Хан кој денеска ја соопштил на средбите со државниот врв.
Хан денеска во Скопје не даде изјава по средбата со премиерот. Слушнавме изјава само од Груевски.
„Беше добра можност во еден подолг разговор да го информирам комесарот за сите случувања, за сите наши чекори што ги правиме во различни сектори, во економијата и во сите други сектори, и да слушнам како тие гледаат на тоа и што очекуваат од нас. Исто така поразговаравме за актуелната политичка ситуација. Го кажавме она што се случува. Имавме размена на мислења“, изјави премиерот Никола Груевски по средбата со еврокомесарот Хан.
Останатите соговорници на Хан испратија соопштенија во кои пораката на еврокомесарот е јасна. Место за решавање на полтичките проблеми е Парламентот. Ваквиот став Хан го навести уште пред првата посета на Скопје. Еве ја неговата изјава од мината недела дадена во Брисел:
„Како и секогаш ги повикувам сите политички партии да ги решаваат проблемите во Парламентот, да дебатираат во Парламентот, и тоа да не го прават на некое друго место“, изјави еврокомесарот Хан.
Претседателот Иванов, на средбата со комесарот даде целосна поддршка за ефикасно и транспарентно постапување на сите надлежни државни органи во утврдувањето на постоење на активности спротивни на уставно- правниот поредок, и во санкционирањето на сторителите на кривични дела.
Рече дека како демократска држава мора да покажеме зрелост пред предизвиците што се јавуваат во општеството, и истите мора да се решаваат по институционален пат, низ отворен дијалог, се вели меѓудругото во соопштението од кабинетот на Иванов.
Од кабинетот на претседателот на Парламентот, Вељаноски, информираа дека на заедничката средба се разговарало за посветеноста на Република Македонија во остварување на реформите за што поскоро отпочнување на пристапните преговори за влез во Европската Унија, за актуелните случувања во државата и тековните активности на Собранието на Република Македонија.
Со соопштение се огласија и од Секретаријатот за европски прашања за средбата Бесими- Хан. Потпретседателот на владата се осврнал на потребата од продолжување на пристапниот дијалог на високо ниво, со цел одржување на динамиката во реформскиот процес и постигнување на инклузивност преку политички дијалог и вклучување на општествените чинители, што ќе придонесе кон кредибилноста на процесот на европска интеграција на Република Македонија.
Хан имаше средба и со лидерот на СДСМ. Од таму соопштија дека лидерот на опозицијата го информирал еврокомесарот за, како што велат, скандалот за прислушување на 20 илјади граѓани. Во соопштението нема ниту збор што еврокомесарот им порачал на домаќините на Бихаќка.
Ова е прва посета на еврокомеасот Јоханес Хан откако ја презеде должноста прв човек за добрососедство и проширување на Унијата. Од Скопје, Хан заминува за Приштина.
Катерина Топалова
