Јанкулоска на Самит против екстремизам во Вашингтон
На Самитот ќе се обратат американскиот претседател Барак Обама, државниот секретар Џон Кери и генералниот секретар на Обединетите нации, Бан Ки-Мун...

Министерката за внатрешни работи Гордана Јанкулоска, заедно со претставници од 60-тина држави, како дел од Антитерористичката коалиција, учествува на тридневниот „Самит на Белата куќа за борба против насилниот екстремизам“ што се одржува на иницијатива на американскиот претседател Барак Обама.
Целта на самитот е да се развие агенда за дејствување и соочување со феноменот на насилниот екстремизам, преку поврзување на претставниците на националните и на локалните влади од целиот свет.
На самитот ќе се обратат американскиот претседател Барак Обама, државниот секретар Џон Кери и генералниот секретар на Обединетите нации, Бан Ки-Мун.
На состанокот ќе се разменат мислења и за спроведувањето на одредбите од резолуцијата на Советот за безбедност на Обединетите нации 2178, која се однесува на запирање на протокот на странски џихадисти во Сирија и во Ирак.
Според резолуцијата, на земјите потписнички им се наложува да направат измени во кривичниот законик и да воведат казни за државјаните кои се борат во странска земја, кои обезбедуваат логистика и финансирање, или пак, регрутираат идни членови на терористички организации.
Република Македонија веќе усвои измени на кривичниот законик, со кои учеството во паравоени формации се казнува со затвор од четири години, а за организирање и финансирање на вакво дело со најмалку пет години.
