Еден век македонска историја низ каталогот „Слики со историска тематика“

18.02.2015 14:21

Публикацијата „Слики со историска тематика“ ја заокружува историско-уметничката димензија на поставките во Музејот на македонската борба...

На повеќе од 150 богато илустрирани страници е прикажана генезата на создавањето на 109-те уметнички дела, масло на платно на 38 реномирани ликовни уметници од Македонија, Руската федерација, Бугарија, Србија и од Украина. Публикацијата „Слики со историска тематика“ ја заокружува историско-уметничката димензија на поставките во Музејот на македонската борба.

„Време од Разловечкото востание, до крајот на војната, ослободувањето. Значи имаме нецел век македонска историја“, нагласи професорот Владимир Величковски, автор на Каталогот „Слики со историска тематика“.

Процесот на изработка на овие слики се темели на бројни истражувања и посети на автентични локации. Сите дела се работени врзс основа на фотографии, архивски материјали, научни студиии.

„Со овој проект македонската држава оддаде признание и благодарност на многубројните преродбеници и илјадниците револуционери, ајдути, комити, партизани“, рече Бранислав Светозаревиќ, директор на Музејот на македонската борба за државност и самостојност.

Од отворањето на Музејот на македонската борба во 2011 година, го посетија повеќе од 150.000 домашни и странски посетители од околу 70 земји во светот, а над 30.000 ученици од целата држава, преку едукативни посети ги збогатија своите сознанија за сопствената историја.

„Овие факти ги оправдаа нашите напори за изградба на овој Музеј, кој освен историското културното и образовното значење, како и туристичкиот потенцијал има стратешка важност за нашата држава“, нагласи министерката за култура, Елизабета Канческа- Милевска.

Уметничките слики, восочните фигури, оригиналните предмети и збирката оружје го прават Музејот на македонската борба институција- чувар на најзначајните достигнувања од областа на културата, уметноста и науката на Македонија.

 

Александра Перевска