Објавен оглас за самовработување на 960 млади лица

18.02.2015 14:51

За оваа програма од државната каса се обезбедени нешто повеќе од 200 милиони денари, од кои 60 милиони за млади до 29 години. Заинтересираните може да аплицираат во еден од 30-те центри за вработување до 10-ти март...

Младите по завршување на образованието 6 години бараат работа. Мерката за самовработување им овозможува да ги искористат сопствените капацитети и сопособности и да почнат сопствен бизнис. Сите заинтересирани можат да аплицират во наредните 15 дена.

„Програмата за самовработување вклучува обука за претприемништво, помош при развивање одржлив бизнис-план и регистрирање на дејност, неповратни грантови во форма на опрема и материјали и менторство во време на започнување на бизнисот, со опфат на 960 невработени лица  од евиденцијата на Агенцијата за вработување“, изјави министерот за труд и соцјална политика, Диме Спасов.

Освен за основање сопствена фирма, можат да ја формализираат веќе постојната, како и да отворат нови вработувања. Преку активните мерки за вработување во минатата година се основани  940 мали бизниси, што е 14 проценти од вкупниот број нови претпријатија.

„Во изминативе 8 години сопствен бизнис отвориле 6.700 граѓани. Од нив една третина се млади, а една третина се жени“, изјави Луиза Винтон, претставник за развој на ОН.

„Имеме над 73 проценти активност на фирмите“, нагласи директорот на Агенцијата за вработување, Влатко Поповски.

Според податоците на Агенцијата за вработување, фирмите што опстанале вработиле и нови луѓе, бројката на вработени е над 5.800.

 

Наташа Јанчиќ