Здружение на судии: Непримерно е судиите да се ставаат во позиција јавно да се бранат од притисоци

18.02.2015 16:17

По состанокот на Управниот одбор, здружението ги повика сите судови во рок од десет дена да оддржат состаноци на кои ќе ги разгледуваат обвинувањата од опозицијата и да донесат заклучоци...

Непримерно е судиите да се ставаат во позиција јавно да се бранат од притисоци. Ова е ставот на здружението на судиите по објавите на аудиоснимките од Зоран Заев, за кои лидерот на опозицијата тврди дека докажуваат мешање на извршната во судската власт.

По состанокот на Управниот одбор, здружението ги повика сите судови во рок од десет дена да оддржат состаноци на кои ќе ги разгледуваат обвинувањата од опозицијата и да донесат заклучоци по што централата во Скопје ќе излезе со конкретен став.

„Сакаме едноставно да ја слушнеме базата, состојбите во судовите и во судството не се такви какви што некој сака еднострано да ги прикаже и едноставно сакаме целата таа состојба да ја добиеме повратно и да ги презентираме правилно изразените ставови на подружниците и на сите судии кои се членови на здружението“, изјави Николчо Николовски, претседател на Здружението на судиите.

Лидерот на СДСМ на прес конференција во неделата објави аудио снимка од разговорот на министерката Гордана Јанкулоска со прилепскиот градоначалник Марјан Ристески за прилепскиот судија НиколаКрстевски.

Заев тогаш јавно обвини дека по партиска директива судијата е унапреден и од основниот е распореден во повисокиот Апелационен суд.

 

Анита Димитријевска