Политички компромис за европска перспектива
Еврокомесарот Хан бара конструктивен дијалог во парламентот за стратешките приоритети на земјава. Ден по посетата - дипломатот ги сумира впечатоците...

Европската унија ги повика сите надлежни да се вклучат во конструктивен дијалог, да соработуваат, и со добра волја да ги надминат несогласувањата, што може да биде само во корист на реформите. Оваа порака ја пренел еврокомесарот Хан на вчерашните средби со претседателот Иванов, премиерот Груевски, министерот Попоски и со лидерот на СДСМ, Заев. За ова е неопходно владеење на правото што е суштина на европското интегрирање и за што не се преговара. Австрискиот дипломат и натаму смета дека Собранието е место на политичкиот компромис.
„Ги повикав сите страни да го решат проблемот, прашањата треба да се затворат во парламентарен стил преку владеењето на правото, поради европската перспектива на земјата“, изјави Јоханес Хан, еврокомесар за соседска политика и проширување.
За еврокомесарот нема дилеми дека за наведениот случај со прислушувањето, неминовно мора да се води соодветна истражна постапка. Како што стои во соопштението од неговиот кабинет, неутралноста, пресумпцијата на невиност, транспарентноста и независноста на судството се елементарни, но, исто така, е неоходна и политичка оценка што е во собраниска надлежност.
„Ова е навистина сериозно прашање. Мојата препорака е дека работите треба да се расчистат и истражат од оние лица кои се надлежни за тоа, во една легална постапка, но ако е потребно, како и во другите земји, треба да има и една политичка оценка, да влезе во Комисија во парламентот, да се истражи од сите страни во парламентот, мора да се има чувство дека парламентарните работи треба да се случуваат во парламентот“, нагласи еврокомесарот Хан.
Клучниот став на еврокомесарот Хан е дека во Македонија мора да има политички компромис поради европската иднина на земјата. Во тој правец, реформите од високиот дијалог за односи и за пристапување со Унијата биле разгледани со вицепремиерот за евроинтеграции Бесими, при вчерашната прва работна посета на Хан на земјава.
Зоран Богатинов
