Дачиќ на средби со државниот врв, ОБСЕ е подготвена да помогне

18.02.2015 18:35

Српскиот министер за надворешни работи, Ивица Дачиќ, на денешните средби со претседателот Ѓорѓе Иванов, премиерот Никола Груевски и неговиот македонки колега, Никола Попоски, истакнал дека стабилноста на земјата е важна за стабилноста на целиот регион...

Србија како земја претседавач со ОБСЕ се понуди да помогне и да посредува во решавањето на политичката криза во земјава. Српскиот министер за надворешни работи, Ивица Дачиќ, на денешните средби со претседателот Ѓорѓе Иванов, премиерот Никола Груевски и неговиот македонки колега, Никола Попоски, истакнал дека стабилноста на земјата е важна за стабилноста на целиот регион.

Порача да се елиминираат сите проблеми кои ја дестабилизираат земјата и сите проблеми кои ја кочат Македонија на евроинтегративниот пат.

„Прашањето на стабилноста на Македонија, кое што е од огромно значење е прашање кое е значајно за регионалната стабилност. Сите свои капацитети треба да ги употреби во таа насока“, истакна Ивица Дачиќ, министер за надворешни работи на Србија.

Од земја примател на помош, Македонија прерасна во важен фактор на ОБСЕ. На средбата со Дачиќ, Попоски само ја потврдил поддршката на земјата за работата на организацијата.

„Република Македонија од примател на помош, од нејзините почетоци во текот на независноста, прерасна во важен придонесувач за мирот во регионот и пошироко“, нагласи министерот за надворешни работи, Никола Попоски.

Србија го презема претседателството од швајцарија и на чело на организацијата ќе остане до крајот на годината. Трите работи за кои се залага обсе се воено-политичката, економската и човековата безбедност на сите 57 земји-членки.

 

Катерина Топалова