Случај „Пуч“: Насилство како опција во недостиг на конструктивни идеи
Насилство како опција во недостиг на конструктивни идеи – аналитичари за случувањата поврзани со прислушуваните разговори што ги објави Заев. Опозиционери гледаат спас во меѓународно посредништво за да не се случи конфликт...

СДСМ има цел да предизвика судири и насилство меѓу народот - став на аналитичарите кои ги следат случувањата поврзани со прислушуваните разговори што ги објави Заев. Отвораат дилема - дали тоа е единствен начин да го свртат вниманието на јавноста во недостиг на програма? Дополнителен сомнеж за лошо сценарио гледаат во фотографии објавени на интернет-порталите во еден од опозициските партиски штабови.
„Бесрамно прети, се заканува на новинари, на свои сопартијци, на цел државен врв дека во себе носи материјали со кои тој може да ги компромитира. Тоа го прави господинот Заев само поради стравот кој што го носи од замката која самиот си ја постави“, смета аналитичарот Александар Пандов.
Потврда за ова, меѓудругото, може да се најде и на овој пост на социјалните мрежи. Тетовскиот огранок на СДСМ го повикува членството да отвора лажни профили и да шири омраза. Дека инциденти може да има, не исклучуваат и најжестоките критичари на власта.
„Јавно опоменувам –ако не дај боже опозициските лидери се полакомат или поради било какви причини бидат превеслани, да не ни излегуваат веќе на очи! Пак ќе речам, јас сум убеден дека ако Груевски одлучи да свика избори што самиот ќе ги организира и за тоа ја добие поддршката од ДУИ, опозицијата ќе одговори одлучно и громко – бојкот, улица, отпор и бунт.“
Претседателскиот кандидат на опозицијата, Стево Пендаровски, решение гледа во меѓународна медијација.
„Се плашам дека тие ќе мораат да дојдат за да не ни се повтори нешто налик на 2001-ва, кога можеме без пушки, без куршуми да ја изгубиме државата, не само македонците, сите што живееме овде“, изјави Пендаровски.
Во анализа за случувањата во земјава, американскиот аналитичар и експерт за балканот Јануш Бугајски предупредува дека објавувањето на аудио-разговорите ја оддалечува Македонија од НАТО.
„Скопје врие од гласини дека грчката тајна служба се обидува да ја дестабилизира Македонија давајќи му на Заев докази за наводни економски манипулации, што доведе до реакцијата на Владата. Со оспорувањето на уставното име на Македонија, Атина упорно оди по неевропска линија и го блокира македонскиот пат кон НАТО и Европската Унија“, смета Бугајски.
Тезата на Бугајски добива потврда од грчката политика. Довчерашниот грчки премиер Самарас прогнозира дека времето работи во нивен интерес.
„Јас верувам дека наскоро Скопје нема да постои како единствен субјект. Тоа значи дека времето е на наша страна бидејќи мислам дека тие нема да успеат да го одржат единството, кое веќе не е единство“, рече поранешниот премиер на Грција, Антонис Самарас.
Аналитичарите заклучуваат дека Македонија троши драгоцено време на деструктвните обиди на опозицијата да дојде власт.
Наташа Гркова- Петрушевска
