Самит во Вашингтон: Се очекуваат нови мерки против насилниот екстремизам
Меѓународната заедница треба да биде загрижена од подемот на радикалниот исламизам и екстремизам во светот. За ефикасно справување со Исламската држава и поддршката што ја имаат од таканаречените странски борци, 60-те земји членки на антитерористичката коалиција оценија дека треба да се прошири соработката и превентивно да се влијае врз населението во сопствените држави...
Самитот против насилниот екстремизам во Вашингтон треба да донесе нови мерки за спречување на терористичките напади во светот. Претставници на 60-тина земји сметаат дека најдобра стратегија е превентивно дејствување во сопствените земји за да се спречат странските борци коишто најчесто се регрутираат преку социјалните мрежи. Македонија како дел од антитерористичката коалиција презентираше дека се направени и измени во Кривичниот законик со кои заминувањето во странство и вклучувањето во борбите на страната на Исламската држава е казниво со закон.
„Грижата за оваа глобална закана од тероризмот и екстремизмот не е грижа само на една држава. Значи сите овие појави не би можеле да се сузбијат и соодветно да им се одговори ако државите не се обединети и не направат една заедничка стратегија. Токму тоа е целта на еден ваков самит на едно високо ниво, каде учесници се сите релевантни чинители коишто на еден или друг начин можат да дадат придонес“, изјави министерката за внатрешни работи, Гордана Јанкулоска.
Едно од барањата на антитерористичката коалиција е поголема размена на разузнавачки информации меѓу земјите. Македонија како земја што има потпишано Договор за стратешко партнерство со САД, веќе разменува информации за екстремисти и групи коишто планираат напади.
„Меѓутоа размената на разузнавачки информации и на безбедносни информации не секогаш е доволна. Затоа што бидејќи освен благонавремената информација која е многу значајна и неопходна за да навреме се реагира, многу е важно што државите прават на сопствената територија. Односно како комуницираат со сопственото население, како се однесуваат кога ќе детектираат некоја ризична група, популација или поединци, и како целото општество обезбедува одговор на растечкото насилство, кое во овој случај резултира со заминувањето на таканаречените странски борци во кризните региони да се борат на страната на радикалните исламисти“, нагласува Јанкулоска.
На крајот од Самитот против насилниот екстремизам треба да бидат донесени мерки што треба да се спроведат до следното Генерално Собрание на Обединетите нации, каде ќе биде поднесен извештај за ефектите од донесената Резолуција минатата година.
Земјите членки на Антитерористичката коалиција се согласни дека бомбардирањата не се доволни за спречување на пропагандата на Исламската држава со која се привлекуваат нови приврзаници.
Ирина Гелевска, постојан дописник од Вашингтон за МРТ
