Банки: Олеснети услови за кредитирање на населението, заострени за компаниите
Според анкетата на НБРМ, побарувачката на кредити и во двата сегмента е зголемена...

Условите за кредитирање на населението во последниот квартал од 2014 година се олеснети, додека за фирмите се заострени, покажуваат податоците од кредитната активност на банките за тој квартал. Според анкетата на НБРМ, побарувачката на кредити и во двата сегмента е зголемена.
Кај кредитите на населението во последниот квартал е забележано најголемо олеснување од почетокот на годината, особено кај станбените кај кои олеснувањето е историски од 2006 година, од кога се спроведува анкетата. Олеснувањето на кредитните услови продолжи и кај потрошувачките кредити.
Побарувачката на кредити од претпријатијата забележала зголемување од 31,8 на 51,6 отсто во последниот квартал, а за ова зголемување најмногу влијаеле инвестициите во залихи и обртен капитал, како и преструктуирање на долгот. Влијание има и потребата за инвестиции во основни средства.
Во наредниот период, банките очекуваат натамошно нето зголемување на побарувачката на корпоративните кредити со умерена поголема динамика.
