Голем интерес за употреба на сончеви колектори во Тетово

19.02.2015 10:33

Се почесто граѓаните се одлучуваат за вградување сончев колектор. Преку искористување на сонцето за затоплување на водата во домот, сметките за електрична енергија се двојно пониски. И владата го субвенционира овој обновлив извор на енергија…

Последниве години тетовци вградиле нешто повеќе од 1.000 сончеви колектори. Податоците покажуваат ескпанзија на полето на искористување на сончевата енергија како извор за затоплување во домот. Пред 5 години во целата земја имало само 1.000 вградени сончеви колектори, денес оваа бројка е и пет пати поголема.

Мирослав Јанески е еден од тетовците кои го имаат искористено овој извор на енергија во домот. Како што вели, континуираното растење на сметките за електрична енергија се поттик за инвестирање во сончев колектор.

„Сончевиот колектор ни овозможи враќање на инвестицијата за една и пол година. Со самото негово поставување постигнавме исклучување на бојлерот и во бањата и во кујната. Воопшто немаме потреба од користење електрична енергија за затоплување вода“, раскажува Мирослав Јанески – Корисник на сончев колектор.

Македонија е поднебје каде овој начин за добивање топла вода е исплатлив. Со просечно 250 сончеви денови годишно, бојлерот на струја и целосно може да биде исфрлен од употреба.

„Сончевиот колектор може активно да се користи девет месеци во годината. Фидбекот е голем во трошоците за електрична енергија, за загревање и слично“, смета Драгољуб Јовановски – Солар експерт.

Веќе 7 години Владата го субвенционира овој обновлив извор на енергија. Секој кој вградил сончев колектор може да аплицира за поврат на 30 проценти од потрошените пари.

„Со самото поттикнување тие влијаат на свеста на граѓаните за врагдување сончев колектор“, вели Драгољуб Јовановски - Солар експерт.

Во светот на големо се инвестира во обновливи извори на енергија. Македонија е на почеток на ова поле.

 

Зоран Јованоски