Еколошкото друштво бара Јабланица да добие статус на Национален парк
Од македонското Еколошко друштво се надеваат дека нивната повеќе годишна работа ќе вроди со плод, а тоа е заштита и добивање статус на Национален парк...

Во Вевчани беше потпишан договор за мали грантови за планината Јабланица каде преку повеќе проекти треба да се поттикне еколошката свест и потенцијалот на природните ресурси на Јабланица, вклучувајќи ја природата, лековитите билки, заштитата на Балканскиот Рис но и искористувањето на целиот потенцијал на природата. Од македонското Еколошко друштво се надеваат дека нивната повеќе годишна работа ќе вроди со плод, а тоа е заштита и добивање статус на Национален парк.
„Ние со наши заложби, активности и истражувања имаме подговтено детална документација и ги имаме пријажано вредностите поради кои Јабланица треба да стане национален парк“, вели Ѓорѓе Иванов од македонското Еколошко друштво од Скопје.
Еколошките друштва упатија апел за здружување и заедничко делување за добивање статус на национален парк на планината Јабланица.
„Ги повикуваме сите локални невладини еколошки организации како и пошироко, зошто ние сме друштво кое постои 25 години, имаме доста сознанија, имаме стручен кадар и ни треба заедничко делување“, рече екологистот од Струга, Мате Гогоски.
Еден од проектите кои добија грант е и заштитата на шумските плодови и лековитите билки за кои дел од нив се од големо значење и ретки од својот вид.
„Јабланица има ретки и заштитени лековити билки меѓутоа со обој проект не може да се даде да се собираат бидејќи се заштитени и ги има многу малку. "Ѕвездица", "Линцурата" влегуваат во заштитени билки исто така бидејќи последните години многу се откопува и уништува“, вели фармацевтот Петар Мојсоски.
Во склоп на повеќегодишната работа на овие друштва беа доделени неколку помали грантови и тоа на планинарското друштво Закамен, еколошкото друштво Енхалон, на општина Вевчани и други.
Јованчо Наумоски
