Директорот на Здравствениот дом во Охрид во бегство, приведени двајца негови соработници

19.02.2015 12:48

Истрагата на Финансиската полиција утврдила дека извршениот промет од средствата наплатени од пациентите не биле уплатувани на банкарската сметка на Здравствениот дом...

Поради сомнеж за сторен финансиски криминал од 7, 5 милиони денари, охридскиот Јавен обвинител поднесе кривична пријава против директорот на Здравствениот дом Охрид и двајца негови наблиски соработници.

МВР веќе приведе двајца од осомничените за делата проневера во службата, поттикнување и помагање, фалсификување и уништување и деловни книги во периодот од 2010-та до 2014-та година.

Истрагата на Финансиската полиција утврдила дека извршениот промет од средствата наплатени од пациентите не биле уплатувани на банкарската сметка на Здравствениот дом.

Притоа за да се скрие криминалот не била евидентирана соодветната финансиска документација. И покрај тоа, директорот на Здравствениот дом ги потпишувал фалсификуваните завршни сметки што потоа биле испраќани до Централниот регистар.

За трите пријавени и приведени лица надлежниот судија одреди притвор од 30 дена. Сепак првопријавениот е во бегство и за него е распишана потерница.