Почна строгата селекција за избор на 125 професионални војници
Оние што ги поминаа псохолошките тестови, ќе треба да ја покажат и физичката подготвеност. Следува и селективен курс од 24 дена. Во септември ќе има уште еден оглас за нови 125 армиски професионалци...

Кандидатите за професионални војници што ги поминале психолошките и општообразовните тестови се на проверка на физичката подготвеност.Пред комисиите правеа склекови,стомачни вежби и трчаа на 3 илјади и 200-те метри. Оние што ќе покажат најдобри резултати ќе одат на лекарски прегледи, а ги чека уште една проверка на физичката издржливост и брзината, пливање на 50 метри.
„Последната, која е и најзначајна фаза, е таканаречениот селективен курс што ќе трае 24 дена. По завршувањето на овие 6 фази, ќе се изберат најдобрите 125 професионални војници и тие ќе бидат примени во АРМ, ќе почне 6-месечна специјалистичка обука“, изјави министерот за одбрана, Зоран Јолевски.
Се очекува конечниот избор на најдобрите да заврши до април. Дел од 125 професионални војници ќе бидат распоредени и во специјалните единици на Армијата. При приемот се има предвид и етничката застапеност на кандидатите, паралелно со дадените услови за прием.
Новиот оглас за прием на уште 125 професионални војници, Министерството за одбрана и Армијата ќе го распишат на почетокот од септември.
57 поранешни професионални војници на кои им престана работниот однос со навршени 35,односно 38 години старост, а кои до 31 декември 2013-та имаа статус на невработени лица, се примени во редовен работен однос во Министерството за одбрана.
Оттаму велат дека се разговара и со други државни органи да преземат дел од вработените.
Милчо Велески
