Битола доби легално место за пишување графити

19.02.2015 14:57

Проектот „Урбан ѕид“ што општината го реализира со Агенцијата за млади и спорт, треба да овозможи заштита на големото културно наследство што досега беше мета на нелегалните графити...

Ѕидот покрај старото ракометно игралиште е новиот урбан простор  на кој младите битолчани ќе можат да го искажуваат својот креативен дух. Проектот „Урбан ѕид“ што општината го реализира со Агенцијата за млади и спорт, треба да овозможи заштита на големото културно наследство што досега беше мета на нелегалните графити.

„Сакаме да се фокусираме на места на кои што ќе им се овозможи на младите луѓе да го искажат својот креативен потенцијал за цртање графити, да ја канализираат својата позитивна енергија и да ги одтргнеме од идејата да пишуваат графити со било каква содржина и било каде“, истакна директорот на Агенцијата за млади и спорт, Марјан Спасески.

Градоначалникот на општина Битола, Владимир Талески посочи дека доколку има интерес и креативни предлози, општината ќе обезбеди и друг простор за да им овозможи на младите да ги искажуваат своите креативни идеи.