Сè повеќе граѓани вложуваат во инвестициски фондови
Друштвата располагаат со повеќе пари, генерираат стабилни приноси. Надлежните оценуваат – причина за добрите резултати се добро поставените правила на игра...
Расте интересот за вложување во инвестициски фондови. Во услови кога паѓаат каматите на штедните влогови, граѓаните бараат алтернатива за своите слободни парични средства. Податоците на КХВ покажуваат дека лани, нето – вредноста на фондовите се зголемила за фантастични 254 проценти, на речиси 2 милијарди денари.
„Растот што го гледаме на волумените под управување, како и средствата што ги имаат населението и компаниите како депозити во банките, а кои традиционално се најголеми по волумен, покажуваат дека има пари за вложување во фондовите“, изјави Коста Костадиновски, директор на друштво за управување со инвестициски фондови.
Фондовите бележат позитивни резултати од работењето. Приносите се двоцифрени, а се очекува ваквиот тренд да продолжи.
„Интересот за вложување во инвестициските фондови се очекува да се зголемува во наредниот период, како резултат на регулираноста на оваа сфера, релативно сигурните приноси за инвеститорите, особено во кеш фондовите, и високото ниво на почитување на обврските од страна на инвестициските фондови“, изјави Елизабета Чингаровска, претседател на КХВ.
Регулативата е добро поставена. Со пари од ЕБОР е воведен и нов електронски систем преку кој се олеснува обработката на извештаите од фондовите, се намалуваат нивните трошоците, а инвеститорите добиваат појасна слика за пазарот.
„Се овозможува пермантентно следење на трендовите во оваа индустрија за заинтересираните инвеститори, споредба на приносите, увид во структурата на вложувања“, изјави Горан Марковски, директор на друштво за управување со инвестициски фондови.
Новиот систем треба да обезбеди поголема транспарентност, како и заштита на малцинските инвеститори.
Мартин Пушевски
