Течат роковите за вработување во администрацијата
Јавните и државните институции да се усогласат околу трансформациите на работниот однос – апел од Владата. Течат роковите за трајно решавање на статусот на 3.000 хонорарци и волонтери. Министерството за финансии ќе им помогне на институциите да се овозможи ефикасно спроведување на законот...

Јавните и државните институции да ги усогласат систематизациите и да почнат со процедура за реализација на трансформациите на работниот однос – апел од Владата откако почнаа да течат роковите за трајно решавање на статусот на повеќе од 3.000 ангажирани со авторски договори или волонтираат.
Министерството за финансии ќе им помогне на институциите да се овозможи ефикасно спроведување на законот.
„Собранието веќе го усвои законот и почнаа да течат роковите. Владата апелира до раководните органи на институциите каде што има лица за кои важи овој закон, да почнат со примена на овој закон и со оперативните процедури за реализација на трансформациите. Во Министерството за финансии се отворени и подготвени во секој момент да асистираат на институциите, да ги водат низ процесот и да ги насочат кон квалитетно спроведување на законот“, изјави портпаролот на Владата на РМ, Александра Ѓорѓиев.
Институциите кај што се ангажирани вработените се должни во рок од 30 дена да склучат договори за редовен работен однос со ангажираните лица. Со законот се предвидува 35 проценти од оваа категорија да бидат вработени веднаш, односно први ќе бидат редовно вработени тие што работеле најдолго, втората група да добијат решенија за неопределно време во декември, а последната во септември 2016-та.
Опфатени се сите кои заклучно со 30-ти ноември 2014 биле ангажирани како волонтери, со авторски договори и со договори на дело и на определено време во установите од областа на културата, образованието, здравството, детската и социјалната заштита основани од државата и единиците на локалната самоуправа, како и јавните претпријатија, заводите, фондовите.
Со остварувањето право на редовен работен однос на оваа категорија граѓани се обезбедува социјално осигурување и остварување на сите права од редовен работен однос, што треба да влијае и на продуктивноста и ефикасноста на трудот.
Дијана Ценевска
