Расте бројот на заболени од грип

19.02.2015 16:26

Грипот испразни дел од училиштата. Амбулантите се полни. Надлежните порачуваат редовна дезинфекција на клупите и училниците...

Грипот ги празни скопските училишта и ги полни амбулантите. По бројот на заболени од грип, Скопје е на второто место во државава. Во основното училиште „Кирил Пејчиновиќ“ околу 10 % од децата се со некакво респираторно заболување или вироза.

Ова основно училиште е најголемо во општина Кисела Вода и во него учат околу 800 деца, од нив во моментов 70 боледуваат од грип.

Во секое одделение изостануваат најмалку по 4 ученици, а не е имун и наставниот кадар.

„Во текот на денешниот ден родителите што ни доставија медицински белешки, имаме доста деца со бронхит и респираторни заболоувања, меѓутоа, како ќе доаѓаат родителите во текот на наредните денови со медицински белешки, ќе имаме поточна идентификација на проблемот што го имаме“, изјави Сашо Јованоски, директор на ОУ „Кирил Пејчиновиќ“.

Првите луѓе на училиштата ги следат препораките на надлежните за редовна дезинфекција на клупите и училниците и се води сметка децата редовно да ги мијат рацете.

 

Александра Перевска