Снежен град: Најстарата детска манифестација на Попова Шапка
Најстарата детска манифестација „Снежен град“ годинава се одржува на падините на Попова Шапка. Финалето ќе биде во недела кога посетителите ќе можат да видат што изградиле вредните раце на учениците од повеќе градови од земјава...

Саат кулата од Прилеп, различни животни, геометриски тела. Ова се фигурите за кои децата од повеќе градови од земјава имаат пет дена да ги изградат од шарскиот снег.
Најстарата детска манифестација во земјава „Снежен град“ годинава за прв пат се одржува на падините на Попова Шапка, а учествуваат стотина ученици.
„Планираме нашата саат кула од снег да биде висока пет или шест метри“, вели учесничка од Прилеп.
„Ова ќе ни биде санка, а пред неа е коњот што ќе ја влече“, рече учесник од Скопје.
„Денеска ќе правиме еден пингвин, а пред коњот ќе има една кола“, вели неговиот соученик од Скопје.
Екипите се составени од по десеттина ученици. Секоја има свој ментор. Тимската работа е најважна за фигурите да го добијат посакуваниот лик.
„Во моментов веќе имаме направено една фигура, планираме или три или пет, ќе видиме времето како ќе ни дозволи“, изјави Владимир Ангелевски – Ментор.
Снежниот град треба да го изградат до недела. Тогаш ќе биде отворен за посетителите. Со тоа завршува оваа, а започнува нова манифестација – „Снежен карван“ што ќе трае до крајот на месецов.
Од Детскиот културен центар Карпош велат дека покај едукативниот, важен е и спортскиот дух што го негува манифестацијата.
„Креативно да можат да го искажат она што го поседуваат. Голем напор е да се работи со снег. Има неколку етапи при самата градба“, изјави Ружа Ѓорѓеска – Директор на Детски културен центар Карпош.
На „Снежен град“ ќе се избира и снежна убавица, ќе се игра пинг понг, билијард, рачен фудбал и пикадо, а ќе се одржи и бал под маски.
Зоран Јованоски
