Средба меѓу Владата, МОН, УКИМ и пленумите за законот за високо образование

19.02.2015 17:07

Попладнево се одржува првата средба на работната група со претставници од Владата, УКИМ, пленумите на професорите и студентите, на која дискутираат за подобрување на законот за високото образование...

Ректоратот на универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ е местото каде што ќе се бара компромис за Законот за високо образование. Попладнево се одржува првата средба на работната група со претставници од Владата, УКИМ, пленумите на професорите и студентите, на која дискутираат за подобрување на законот за високото образование. Од Владата присутни се вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески, министерот за образование и наука Абдилаќим Адеми и заменик-министерот за образование и наука Спиро Ристовски.
 
Во пресрет на средбата, студентите од Пленумот изјавија за медиумите дека бараат целосно повлекување на постојниот закон и донесување сосема нов, зашто сметаат дека со сите измени постојниот е нефункционален и ја загубил суштината. Не ги прифаќаат последните измени со кои е одложена примената на некои одредби, меѓу кои за една година полагањето државен испит.
 
На средба која ја иницираше Сенатот на УКИМ, а се одржа во Владата на 6 февруари, беше договорено примената на последните измени на Законот за високото образование (кои Собранието ги изгласа на 14 јануари) да се се одложи - за една година спроведувањето на државниот испит, а други одредби, вклучително и обврската професорите да објавуваат научни трудови во списанија со импакт-фактор - да се одложи за две години. Беше договорено Владата, професорите и студентите заеднички да продолжат да работат на подобрување на високото образование.