Самит во Вашингтон: Превентивно дејствување против потенцијалната опасност од тероризам

20.02.2015 10:10

Воените операции против исламските терористи мора да бидат придружувани и со превентивно дејствување кај муслиманските заедници во земјите членки на антитерористичката коалиција, ова е заклучокот од Самитот против насилниот екстремизам во Вашингтон…

Терористите очајно бараат легитимитет и шират пропаганда меѓу муслиманските заедници. Затоа државите треба превентивно да соработуваат со муслиманските заедници во своите држави за да се спречи регрутирањето на странските борци. Сиромаштијата не е причина што млади луѓе се приклучуваат на Исламската држава, туку отфрленоста од општеството, изјави американскиот претседател Барак Обама на Самитот против насилниот екстремизам во Вашингтон.

„Тврдењето дека Западот е во војна со Исламот е грозна лага. Сите ние без разлина на нашата религија Имаме одговорност да го отфрлиме ова“, изјави американскиот претседател Барак Обама.

Ниту една држава или армија сама не може да ги порази терористите, затоа целта на антитерористичката коалиција треба да биде спречување на  обединувањето на терористичките групи во светот, посочи американскиот државен секретар Џон Кери.

„Нема оправдување врз основа на историјата, религијата, идеологијата, политиката, економската неправда и личната амбиција за убиството на деца, киднапирање и силување на девојчиња и погубување на невооружени цивили. Овие злосторства не можат да се објаснат и да бидат оправдани, туку мораме да им се спротивставиме и да ги запреме“, рече Џон Кери, американски државен секретар.

Тероризмот е голема закана за мирот и стабилноста на светот во 21-от век. Превентивно мора да работиме со верските лидери на спречување на ширењето на екстремизмот, оцени Генералниот секретар на Обединетите нации Бан Ки- Мун.

„Како прв чекор, јас како Генерален секретар на Обединетите нации во наредните месеци ќе свикам специјален настан кој ќе ги собере верските лидери од целиот свет за да промовираме заемно разбирање и помирување“, изјави Бан Ки- Мун, Генерален секретар на Обединети нации.

Македонија како дел од антитерористичката коалиција на самитот ги истакна своите мерки за спречување на странските борци коишто заминуваат да се борат на страната на Исламската држава. Странските борци коишто се враќаат дома се закана за безбедноста и на Македонија, оцени министерката за внатрешни работи Гордана Јанкуловска посочувајќи пред претставниците на 60-тина држави на самитот дека македонското општество превентивно ќе работи со верските лидери.

„Несомнено, сите оние лица коишто барем еднаш биле во кризните подрачја  и потоа се вратиле во нивните матични држави или отишле во некоја друга држава, се потенцијална опасност за ширење на радикалните идеи, најчесто тие се и мотивирани од она што го виделе таму, дел од нив се и воено обучени што значи веќе имаат одредени знаења и вештини кои тие сметаат дека се соодветни за понатамошно учество во други кризни региони, и ваквите лица претставуваат потенцијална опасност и за Република Македонија, посебно ако се земе фактот дека и покрај тоа што никој во светот нема официјална статистика по однос на оваа проблематика, сепак бројката од 14 загинати лица со потекло од Република Македонија е факт што нас доволно не загрижува дека и во Република Македонија има лица коишто се одлучуваат да заминат на боиштата во кризните региони, дел од нив повремено и се враќаат и ја шират идејата и условно речено привлекуваат други млади луѓе кои се заведени од една таква идеја“, нагласи министерката за внатрешни работи Гордана Јакулоска.

Борбата против насилниот екстремизам мора да започне од дома. Родителите на странските борци се најдобри сојузници во таа борба. Невладините организации, жените и верските лидери со спречување на терористичката пропаганда преку социјалните мрежи  мора да ги поддржат напорите на коалицијата за спречување на нови терористички напади, заклучија учесниците на самитот. 

Воените операции против Исламската држава во Ирка и во Сирија ќе продолжат. Американскиот претседател Барак Обама најави дека се можни акции против Ал-Каеда во Јемен и во Сомалија.

 

Ирина Гелевска, постојан дописник од Вашингтон за МРТ