Гасоводот „Турски тек“ би можел да поминува низ Македонија
Одлуката главно ќе зависи од нашите европски партнери дали сакаат стабилно, загарантирано и апсолутно транспаренто снабдување со енергенси од Русија и тоа без ризици при танспортот, порачал Путин...

Гасоводот „Турски тек“ би можел од Русија преку Црното море, Турција, Грција, Македонија и Србија да дојде до Унгарија, а можеби и до Австрија, најавил рускиот претседател Владимир Путин при неодамнешната посета на Унгарија и средбите со унгарскиот премиер Виктор Орбан.
Одлуката главно ќе зависи од нашите европски партнери дали сакаат стабилно, загарантирано и апсолутно транспаренто снабдување со енергенси од Русија и тоа без ризици при танспортот, порачал Путин.
Како што пренесува МИА, тој нагласил дека ако сакаат така европејците, изградбата на гасоводот може да почне.
Директорот на Институтот за политички капитал од Будимпешта, Петер Креко за српски „Блиц“ вели дека понудата на Путин за изградба на „Турскиот тек“ дошла како гром од ведро небо.
„Предлогот на Путин делумно е реален, но тешко е да се предвиди дали е остварлив. Тој дојде како изненадување за Унгарија и за Европската комисија“, нагласил Креко.
Планот за „Јужен поток“ не предвидуваше Македонија да биде на главната траса на гасоводот, туку само еден крак од Србија или Бугарија да доаѓа до земјава за задоволување на нејзините потреби.
Сега се отвора можност Македонија да биде на главната траса на новиот гасовод и да добива значителни средства од транспортот на гас низ нејзината територија.
