Се заштитува рибниот фонд во Охридското Езеро
Вештачкиот мрест на пастрмката заврши. Прибрани се два и пол милиони зрна икра, што е најуспешен резултат во изминатата деценија. Тоа е уште една потврда дека давањето на езерото под концесија беше добар потег, бидејќи главен приоритет на концесионерот е заштитата на рибниот фонд...

Ефикасната физичка заштита на езерото во текот на вештачкиот мрест на охридската пастрмка придонесе за рекордно кус период да бидат собрани планираните два и пол милиони зрна икра, а во исто време да се возобноват мрестовите кои во минатото беа уништени од рибокрадците. Годинешниот вештачки мрест е најуспешен во изминатата деценија.
„Комплементарно гледано физичката заштита навистина придонесува за заштита на рибните плодишта и резултатот кој што произлезе оваа година,каде што се фатени и во езерото назад вратени над две илјади килограми охридска пастрмка,значи дека мрестовите се возобновени како плодишта“, изјави Зоран Спиркоски, Хидробиолошки Институт- Охрид.
На македонскиот дел од езерото рибокрадството е намалено за над 95 проценти, против оние кои не го почитуваат законот се започнати постапки пред надлежните судови.
„Иако колекционирањето на икрата е скоро завршено, ние ќе продолжиме со интензивната физичка заштита се додека трае забраната за риболов на охридска пастрмка. Се надеваме дека со успешни вештачки мрестови и физичка заштита преку целата година ќе придонесеме за возобновување на дел од популацијата на охридската пастрмка“, вели Ристе Танасоски, концесионер „Пастрмка 2012“.
Според програмата езерото заеднички со албанската страна треба да се пориби со три и пол милиони единки рибен подмладок на пастрмка, прихранувани шест месеци.
Таа обврска годинава ќе биде исполнета со што ќе се зголеми популацијата на овој ендемичен вид риба, на кој пред една деценија и се заканување истребување.
Сашо Нелоски
