Со помош на „Филип Морис“

Тутунски комбинат Прилеп започнува со модернизација на производството

20.02.2015 16:18

Се комплетира стратегиското партнерство на прилепскиот Тутунски комбинат со светскиот бренд „Филип Морис“. Се инсталираат нови софистицирани машини. До април треба да заврши модернизацијата на фабриката за потоа да се произведува Марлборо...

Во прилепската фабрика за цигари се монтираат новите две машини што стратегискиот партнер „Филип Морис“ ги донесе од најдобрата филијала од Русија. Тие ќе ги донесат врвните стандарди на „Филип Морис“ во Прилеп и неговите брендови, квалитетот на цигарите ќе ги задоволува стандардите на домашниот и кој било пазар во светот. Ќе се обучуваат и вработените.

„Целта е да се подобрат можностите, односно портфолиото за брендовите кои може прилепскиот комбинат да ги работи што е многу битно за да се задоволат сите барања на пазарот. Со трансферот на новите машини кои се комплетно според стандардите на Филип Морис буквалко се пренесува и знаењето. За вработените во текот на март ќе има обука за целосно да ги имплементираат новите процедури кои се во склопот на Филип Морис како најголем производител на цигари во светот“, вели Бора Костиќ, советник од „Филип Морис“.

Ова е комплетна реализација на стратегиското партнерство, прилепскиот комбинат ќе произведува нови иновативни брендови, меѓу кои најпознатото Марлборо, ќе се зголеми проивоството во фабриката, а заедничката фирма „Филип Морис- Тутунски комбинат“ ќе ги пласира цигарите.

„Со воведувањето на новите машини и новата опрема ќе се модернизираат процесите, оптимално  ќе се искористат човечките ресурси и ќе се постигне максимална организација. Заедничката фирма на „Филип Морис“ и на Тутунскиот комбинат поседува силни брендови како на домашен, така и на меѓународен пазар“, изјави Марјан Ангелески, раководител на Фабриката за цигари.

До први април машините треба да бидат во функција за да почне производството на филипсовите брендови.

Од ноември се произведува марката „Бонд“, а договорот за стратегиско партнерство го опфаќа и откупот на тутунот.

 

Елизабета Митреска