Бизнис преку самовработување: Успехот е загарантиран кога работиш за себе
Јасминка ван дер Флиер со државна помош од 3 илјади евра отворила амбуланта за домашни миленици и го исполнила својот животен сон. Вели дека успехот е загарантиран кога работиш за себе...

Упешната бизнис приказна на Јасминка ван дер Флиер почнала пред една година. Долгогодишното искуство како ветеринар и љубовта кон животните и го донеле професионалниот успех. Со државна помош од 3 илјади евра отворила амбуланта за домашни миленици и го исполнила својот животен сон. Вели дека успехот е загарантиран кога работиш за себе.
„Не треба секогаш да очекуваш од родители, од пријатели, од државата, да те вработат во државно, ова е многу подобро, лична сатисфакција да се докажеш дека можеш да успееш. Кога работиш за себе вериувам дека ќе имаш поголем успех и финансиски да напредуваш“, вели Јасминка ван дер Флиер.
Јасминка наскоро планира да ја прошири амбулантата. Работи според зацртаниот бизнис план. Голема помош за развивање на претприемачките вештини добила и од Агенцијата за вработување.
„Денеска тоа е многу важно, финансиски да почнеш, а да не мораж да ги враќаш парите, тоа е чиста добивка. Има добра организација, да те упатат како да го водиш својот бизнис“, нагласува Јасминка.
Со новиот оглас за самовработување над 960 невработени ќе имаат можност за почнување свој бизнис. Аплицирањето трае до 10-ти март. Во изминатите осум години, над 6.700 луѓе успеале да отворат сопствен бизнис и да се самовработат.
Мерката за самовработување дава одлични резултати – над 70 отсто од оние кои отвориле сопствен бизнис, успешно работат.
Сунчица Николоска
