Експерти: Рејтинг не се гради со црна кампања
„Не може да се очекува градење рејтинг со црна кампања“ - велат и луѓето од агенциите кои го мерат рејтингот на партиите. Владимир Божиновски оценува дека гласачите сакаат проекти кои ќе им го олеснат секојдневнието и ќе им го подигнат квалитетот на живот...

Дека поразот со огромна разлика на последните избори е неминовен, Зоран Заев знаел многу порано пред нивното одржување. Ова го покажала анкетата од агенцијата Рејтинг, изготвена за внатрепартиски потреби пред гласањето, според која актуелниот претседател Ѓорѓи Иванов убедливо водел пред кандидатот на СДСМ Стево Пендаровски.
Според анкетата изготвена од агенцијата што му припаѓа на поранешниот генерален секретар на СДСМ и министер за правда во владата на Црвенковски, Ѓорѓи Спасов, во периодот не нејзиното спроведување, Иванов ужива огромна поддршка меѓу граѓаните со 61 процент наспроти противкандидатот Пендаровски за кој позитивно мислење имаат двојно помалку граѓани или нешто повеќе од 33 проценти.
Според информациите, Заев ова го криел од сопартијците. За аналитичарите анкетата е потврда дека победата на претседателот Иванов на ланските избори е чиста, а тоа го верификува и Државната изборна комисија по вториот круг од изборите на 27 април.
Оваа анкета е еден од бројните докази, сметаат аналитичарите, што ги турка во вода тврдењата на Заев дека победата била украдена. Тие се категорични дека политичарите неможат да очекуваат поддршка од гласачите со невистини,манипулации и со црна кампања.
„Предноста на ВМРО-ДПМНЕ, а слабост на СДСМ е дека последните анкети, кои беа правени некаде на почетокот на јануари, по сите тие протести на студенти, штрајкови на хонорарци и така натаму, под 8 отсто беше СДСМ. Со ниедна црна кампања досега се нема случено пресврт... Зборувам за Македонија, не зборам за Словенија или државите кои имаат поголема парламентарна традиција. Не може да се сврти јавното мислење“, вели новинарот Васко Ефтов.
Неколку минуту по затворањето на избирачките места, на вториот круг од претседателските избори Заев се огласи со став дека СДСМ не ги признава изборните резултати без разлика на исходот. Пендаровски и денес тврди дека изборите биле нерегуларни, иако се е јасно и од анкетата на нивната агенција Рејтинг.
„Јас би се повикал на рејтинзите кои ги има СДСМ во изминатите седум до осум години. Очигледно имаат проблем да се одлепат од она ниво на коешто беа во 2006-та година. Имаа еден мал успон со Црвенковски во 2011-та, и потоа пак паднаа, како што впрочем покажуваат изборите во 2014-та година“, вели аналитичарот Владимир Божиновски.
Аналитичарите се согласни дека гласачите од политиката очекуваат многу повеќе од црна кампања, тие поддржуваат и гласаат за партијата која ќе понуди најдобри решенија за нивните проблеми, проекти кои ќе им го олеснат секојдневнието и ќе им го подигнат квлалитетот на живот.
Во последниве неколку изборни циклуси, гласачите овие нешта ги препознаа во програмата на ВМРО ДПМНЕ.
Милчо Велески
