Брисел: Работната група на еврото го разгледува грчкото барање
Премиерот Ципрас е убеден дека ќе биде одобрено барањето на Атина и рече дека Грција ќе направи се што е можно за постигнување на взаемно прифатливо решение за проблемот...

Работната група на еврото го разгледува грчкото барање за шестмесечно продолжување на договорот за кредит. Портпаролот на Европската комисија, Маргаритис Скинас пред вонредната седница на министрите за финансии изјави дека е можно е да се постигне договор меѓу евро зоната и Атина ако сите покажат разум.
На вчерашната подготвителна средба во Брисел, Скинас изјави- бил постигнат конструктивен напредок, но дека ништо не е завршено.
Министерот за финансии Варуфакис денеска во името на грчката Влада поднесе барање за шестмесечно продолжување на договорот за кредит, а владини извори наведоа дека истовремено е покренато и прашањето за обновување на социјалните трошоци предизвикани од кризата.
Премиерот Ципрас е убеден дека ќе биде одобрено барањето на Атина и рече дека Грција ќе направи се што е можно за постигнување на взаемно прифатливо решение за проблемот.
Атина смета дека за компромисната формулација е клучна фразата која ќе биде употребена во врска со она што грчката Влада сака да се продолжи односно Меморандум, програма, кредитен договор.
Медиумите наведуваат дека придобивките за грчката Влада од тоа биле дека со сето ова би успеала да го внесе терминот „хуманитарна криза“, што би и дало можност на грчката Влада да преземе мерки за нејзино надминување.
Германски Шпигел денеска објави дека Европската централна банка се подготвува за излегување на Грција од еврозоната. ММФ пак оценува дека останатиот дел од еврозоната ќе може да се справи со евентуалното излегување на официјална Атина од еврозоната.
Шпигел додава дека според Фондот, излегувањето на Атина од еврозоната ќе биде поврзано со многу повисоки расходи отколку ако државата ги продолжи почнатите реформи.
Марина Автовска
