Обвинетите во случајот „Ореше“ осудени на 33 години затвор

20.02.2015 18:53

33 години затвор е вкупната казна за осомничените за убиството на Лазо Милошевски. Петчлениот Кривичен судски совет на Основниот суд Велес, пресуди дека се виновни. Ова е прв случај во македонското судство да се суди за платено убиство. Адвокатите тврдат не постојат материјални докази, пресудата која е четврта по ред е срамна...

Обвинетите Ѓоре Петревски, Ордан и Љупчо Георгиевски се виновни за убиство на 72 годишниот  Лазо Милошевски од велешкото село Ореше. Ваква пресуда  изрече   Кривичен судски совет на велешкиот суд. Судијката Тања Милевска соопшти- Петревски како нарачател  се осудува на казна затвор во времетраење од 13 години, додека по 10  добија браќата Георгиевски. За адвокатите оваа  пресуда е срамна.

„Ако се толку сигурни дека има докази требаше да биде доживотна казна нешто што јас го побарав ако Судскиот совет е убеден дека има кривично дело и дека има докази, докази нема апсулутно ниту еден материјален доказ“, вели адвокатот на браќата Георгиевски, Звонко Давидовиќ.

Браќата Георгиевски и денеска во судница тврдеа дека се невини. На синот на покојниот Лазо му порачаа убиецот да го бара меѓу своето семејството.

„Апелација му кажа еве овде пишува дека беспредметно, што сакаше да покаже Тања Милева не ни знам самиот“, рече Љупчо Георгиевски, осомничен за убиство.

За случајот платено убиство ова е четврта пресуда. Првите две беа казна затвор од по 12 години за браќата Георгиевски, третата откако заштитниот сведок Златко Арсовски го промени својот исказ, беше ослободителна. Апелација сите пресуди ги враќаше на повторно разгледување.

Пред десет години во сопствената куќа во село Ореше, со истрел од огнено оружје беше убиен Лазо Милошевски. Според обвинителниот акт, Петревски кој бил на привремена работа во Америка, на браќата  Георгиевски им исплатил 20 илјади долари за да го ликвидираат човекот кој пред многу години пукајќи во него го ранил.

 

Дијана Иванова