Попова Шапка преполна со туристи
Попова Шапка е преполна со туристи особено за викендите. Се скија на сите патеки, како и на познатата Цири- пашина. Сместувачките капацитети се полни, а угостителите и посетителите задоволни. Проблем е ограничениот паркинг простор...

Скијачи од земјава и странство уживаат на многубројните патеки на Попова Шапка. Зимскиот центар овој период е преполн со туристи. Ги привлекува убавото време, изобилството од снег, уредените ски терени, чистиот воздух, обновените хотели.
Најбројни се тетовци, скопјани и битолчани, но ги има и од повеќе градови од источна Македонија, како и од странство.
„Многу ми се допаѓа Попова Шапка. Времето е убаво. Прв пат доаѓам. Има вкусна храна, а терените се подготвени“, рече турист од Бугарија.
„Мене ми се допаѓа Попова Шапка. Ова е еден од најубавите зимски центри во Европа. Оваа убавина никаде ја нема, само треба да ја сочуваме“, велат домашните туристи.
Уште пред почетокот на сезоната повеќето угостиртелски објекти се подновуваа. Затоа сега се задоволни и посетителите и хотелиерите.
„Викендот обично е ударен термин. Преполно е обично од четврток до понеделник. Во работните денови е исполнето околу 30 проценти“, изјави Никола Трајковски – угостител.
Сепак, според туристите и познавачите, на Попова Шапка и треба поинтензивно инвестирање во инфраструктурата за да го следи чекорот на развиените европски ски центри.
Највисоко на Попова Шапка е патеката Цери Пашина која е за професионалци и искусни скијачи. Следуваат Јелак, Ге и Аеродром која е за деца и почетници, и на крајот е патеката Тетекс. Со тоа Попова Шапка нуди услови за сите скијачи.
Уживањето може да го расипе ограничениот паркинг простор. Затоа од тетовската полиција апелираат возачите да ги следат нивните совети и упатства за паркирање, особено за викендите кога на Шапка е преубаво и има стотици посетители.
Зоран Јованоски
