Едукација и заштита на водните ресурси на Јабланица
Ледените езера едни од ретките на планината Јабланица. Едукацијата за водни ресурси од големо значење за заштитата на истите, но и биодиверзитетот на Јабланица...

Продолжуваат активностите околу планината Јабланица која важи за една од најбогатите планински масиви богати со биодиверзитет и природни богатства. Водните ресурси се од големо значење за струшкиот регион посебно кога станува збор за подземните води со кои располага Јабланица.
„Глацијалните или ледените езера се битни бидејќи тие претставуваат ретки живеалишта и не само во Македонија туку се заштитени и во директивата за живеалишта, значи на повисоко ниво“, вели екологот од Скопје, Ивана Лозановска.
Се смета дека после Рила, Шар Планина претставува планина најбогата со ледени езера на Балканскиот Полуостров. Вкупно на планинскиот масив регистрирани се 39 вакви езера, 25 постојани и 14 повремени од кои 4 се наоѓаат на Јабланица.
„Неконтролираната сеча носи огромни последици, може да предизвика свлечишта на теренот, потоа соголување, загуба на биодиверзитет, реките може да станат поројни реки, да пресушат во извесен дел од годината бидејќи ќе немаат доволно вода складирано, бидејќи вегетацијата е и заштитник на водата, така што сето тоа ќе повлече голем број последици кои што би биле долгорочни“, смета инженерот по животна средина, Ѓоко Зороски од Охрид.
Планината Јабланица спаѓа во високите планински области и располага со природните украси, кои се ретките, но и прекрасните ледени езера кои народот ги нарекол планински очи.
На Јабланица се наоѓаат четири ледени езера кои се сместени во мали вдлабнатини, тие езера се: Подгоречкото, Вевчанското, Горна Лабунишка и Долна Лабунишка локва.
Јованчо Наумоски
