Вработување за околу 2.000 лица во јавното здравство
21.02.2015 13:53
За вработувањето на овие лица постапката веќе е во тек. Во првата група ќе бидат вработени 35 проценти од овие лица, односно околу 700 ќе бидат вработени веднаш...

Согласно Законот за трансформација во редовен работен однос во јавното здравство на неопределено време ќе се вработат околу 2.000 лица – медицински и помошен (административен) персонал, односно доктори, медицински сестри, техничари, хигиеничари, правници, информатичари… кои досега или волонтирале или работеле со договори на определено време.
За вработувањето на овие лица постапката веќе е во тек. Во првата група ќе бидат вработени 35 проценти од овие лица, односно околу 700 ќе бидат вработени веднаш, додека останатите ќе бидат вработени на неопределено време од 1 декември оваа година, односно од 1 септември 2016 година.
Само во општите и клиничките болници низ државата ќе бидат редовно вработени вкупно 739 лица, од кои во првата група 259 лица. Во Универзитетските клиники во Скопје ќе бидат редовно вработени околу 600 лица, а само во првата група ќе бидат вработени 210 лица. Во здравствените домови ќе бидат вработени вкупно 168 лица, во специјалните болници, заводи и институти низ државата редовно ќе се вработат околу 300 лица. Во Институтот за јавно здравје и центрите за јавно здравје редовно ќе се вработат речиси 200 лица, информираше на денешната прес-конференција министерот за здравство Никола Тодоров.
