Ракомет, Лига на шампионите, 10.коло

Вардар против Рајн Некар, во директен дуел за второто место

21.02.2015 17:26

Пред последното коло од групната фаза, нашиот вицепрвак е на посакуваната позиција со 13 освоени бода, но само еден повеќе од германскиот тим...

Ракометарите на Вардар се пред првиот вистински испит на зрелоста во годинашнава сезона од Лигата на шампионите. Сакаат ли како второпласирани во групата да минат во осминафиналето, не смеат вечер да загубат на гостувањето кај бундеслигашот Рајн Некар Левен.

Пред последното коло од групната фаза, нашиот вицепрвак е на посакуваната позиција со 13 освоени бода, но само еден повеќе од германскиот тим. Со каква и да е победа Рајн Некар ќе го симне од неа, но триумфот од 28-25 во Скопје и фактот што досега досега загубија само во двата меча со Веспрем, внесуваат ведрина и оптимизам меѓу ракометарите на Вардар. Хендикеп ќе биде неиграњето на Прибак, којшто поради повреда на рамото остана дома, но спомените од двете лански одлични изданија во Германија, каде што прво го победија Гамбург, па тесно загубија од подоцнежниот европски првак Фленсбург, се доказ дека „црвено-црните“ не се без шанси и вечер во Манхајм. Мечот Рајн Некар-Вардар почнува во 21 часот.

Металург, пак, утре вечер ќе ја заврши годинашната европска мисија. Двапати беше во најдобрата осумка на континентот, но по егзистенцијалните проблеми и распадот на квалитетниот состав, овој пат се простува по групната фаза. Безначајниот двобој со Загреб на веселин вујовиќ утре од 19 часот ќе биде последен во елитата за драстично подмладениот тим.