Се решава статусот на 2.000 лица во јавното здравство

21.02.2015 17:48

700 лекари и медицински персонал кои работат волонтерски или на договор на дело ќе бидат трајно вработени. Министерот за здравство најави дека приоритет во динамиката на вработување ќе имаат оние што се најдолго ангажирани во јавните здравстевни установи. До септември наредната година ќе им се реши статусот на вкупно 2 илјади во овој сектор...

Вработен во Институтот за јавно здравје 21 година работел со договор на дело. Во гинеколошко акушеркста болница Чаир без решен статус некои лекари работат од 2003. Овие примери не се единствени.

Во јавното здравство во земјава има многу вакви примери. Според надлежните, со новиот Закон за трансформација на работниот однос ќе добијат трајно вработување. Започната е постапката за вработување доктори, медицински сестри, техничари, хигиеничари, правници.

На 700 статусот ќе им биде решен веднаш. Преостанатите ќе бидат вработени на неопределено време од 1-ви декември оваа година, а дел од 1 септември 2016 година. 

„На ваков начин, долгорочно ќе се реши егзистенцијалното прашање на поголем број лица кои досега биле ангажирани во здравствените установи како волонтери или со договори на определено време. Ова е исклучително значајна мерка на Владата на Република Македонија, со која ќе помогнеме на илјадници семејства низ државата, имајќи предвид дека досега овие лица не биле редовно вработени и не можеле да остварат право на здравствено, пензиско, односно социјално осигурување“, изјави министерот за здравство, Никола Тодоров.

Тодоров очекува постапка за 35 проценти од вработувањата да биде завршена во законски предвидениот рок од еден месец.

 

Наташа Јанчиќ