Грција постигна договор со кредиторите
Нејзиниот пакет финансиска помош ќе биде продолжен за четири месеци, со услов дека договорот ќе биде ратификуван одкако кредиторите на Грција ќе бидат задоволни со листа на реформите кои Атина ќе мора да почне да ги исполнува до последната недела од февруари...

Доцна синоќа Грција обезбеди договор сo еврозоната сo кoj нејзиниот пакет финансиска помош ќе биде продолжен за четири месеци, со услов дека договорот ќе биде ратификуван одкако кредиторите на Грција ќе бидат задоволни со листа на реформите кои Атина ќе мора да почне да ги исполнува до последната недела од февруари.
„Да резимираме, во понеделник ќе ја разгледаме првата листа на реформски мерки од страна на грчките институции. Тоа ќе даде прв впечаток за ефикасноста и ќе претставува почетна точка на овој процес кој се надевам ќе заврши успешно“, изјави претседателот на еврозоната, Жером Дијселблом.
Прегледот и имплементација на реформите ќе биде завршен до крајот на април, кога ќе биде и исплатата на следната транша, дотогаш се останува во рацете на грчката Влада.
„Почнувајќи од денес, ние сме автори на нашата судбина, автори на реформите што сакаме да ги направиме, што ние ќе се обидеме да ги диктираме кога ќе разговараме со нашите партнери, кои ние ќе се обидеме да ги користиме како оружје против длабоката криза на грчката социјална економија, која ја карактеризира Грција, не во последните неколку години, туку и во последните неколку децении, ако не и еден век“, изјави министерот за финансии на Грција, Јанис Варуфакис.
Не сите учесници на Самитот на еврозоната беа воодушевени од договорот. Уште на самиот почеток преставниците на Словачка, Летонија и Литванија беа скптични во однос на одговорноста на грчката влада спрема кредиторите. Не е во ред сиромишните држави да ја спонзорираат една Грција- смеаат тие. Загриженост изрази и шпанскиот министер.
„Добро е што грчките власти се обврзаа за плаќање во целост на нивните долгови, до последно ерво, што е главна грижа на Шпанија“, изјави шпанскиот министер за финансии, Луис де Гуиндос.
Инаку новата левичарска влада во Грција, која дојде на власт во јануари вети ставање крај на политиката на штедење и првично сакаше продолжување на заемот за шест месеци.
Марина Стојанова- Тонева, постојан дописник од Брисел за МРТ
