Блескаво издание во Германија

Вардар го уништи Рајн Некар со 35-28

21.02.2015 23:24

На теренот на ривалот кого во Скопје го победи со три гола, Вардар го одигра најдобриот натпревар сезонава. Со моќно и убиствено издание налик на екипите од самиот европски врв, од самиот почеток му стави до знаење на Рајн Некар дека ланските одлични партии во Германија со Хамбург и со Флензбург не биле случајни...

Македoнскиот ракометен вицепрвак Вардар го прегази во Германија бундеслигашот Рајн Некар Левен со седум гола разлика, 35-28 во последното 10-то коло од групната фаза на Лигата на шампионите. „Црвено-црните“ ја остварија целта и како второпласирани во нивната конкуренција за противник ќе добијат некоја од екипите коишто ќе завршат на третите места.

На теренот на ривалот кого во Скопје го победи со три гола, Вардар го одигра најдобриот натпревар сезонава. Со моќно и убиствено издание налик на екипите од самиот европски врв, од самиот почеток му стави до знаење на Рајн Некар дека ланските одлични партии во Германија со Хамбург и со Флензбург не биле случајни. Првиот гол го прими дури во 8-та минута, откако веќе даде три, па потоа водеше со 5-1, 7-3 и 8-6, се дури со серија од три гола не побегна на плус 7, 13-6 во 20-та минута. Резултатот изгледаше неверојатен, но Вардар без проблем го одржуваше, во еден миг имаше и 19-11, пред да замине на одмор со 20-13.

Надежите на Германците во вториот дел брзо ги стопи, кога од 22-16 со серија од пет гола побегна на импозантни 27-16 во 40-та минута. Тогаш можеше да се олабави и да му дозволи на домашниот тим да спаси барем дел од гордоста. Рајн Некар еднаш се доближи на шест гола, на 29-23, но не можеше да го анулира големиот минус, па конечните 35-28 се реален одраз на случувањата во малата сала во Манхајм.

Карачиќ постигна 8 гола, 6 од нив уште во првото полувреме, на исто толку остана Дибиров, а во вториот дел забележлива партија со три гола имаше Стоилов. Штербик запиша 12 одбранети удари.

Ждрепката за 1/8-финалето е во вторник, а еден од можните ривали на Вардар е Загреб, којшто утре вечер во скопје ќе му гостува на Металург во безначајниот натпревар од последното коло во групната фаза. Ранетиот Металург со него ќе ја заврши годинашнава европска мисија.