Промовирани шестте тома „Собрани дела“ на Бранко Цветковски во Велес

22.02.2015 16:37

Од Велес, градот на културата за 2015 година започна промоцијата на шестте тома на „Собрани дела“ од Бранко Цветковски, човекот кој преку пишаниот збор го промовира македонскиот идентитет и јазик...

Цели 40 години преку својот творечки опус писателот Бранко Цветковски е промотор на македонскиот идентитет и јазик. Тој е поет, но и голем љубопитник, толкувач на феноменот на литературното писмо. Македонскиот книжевен опус со својот труд го збогати со шестте исклучително значајни дела.

„Во првите два тома е направен опсег од моето творештво, во третиот том е мојата критика и есеистика за македонската и светската литература, четвртиот том донесува погледи на мојата литература од 38 македонски видни критичари и академици и проследувачи а во двата последни тома се преставени моите 15 книги преведени на 15 светски јазици“, рече авторот Бранко Цветковски.

Растот на македонската современа литература може да се согледа томну низ творештвото на Цветковски, а добиените светски книжевни награди го вброија меѓу најнаградуваните поети од државава.  

„Тој ги толкува феномените на писмото и на микро план значи на една конкретна лирска единица но и воопшто теориски како рамка во која литературното писмо се оствраува“, вели Санде Стојчевски, промотор.

„Неговото творештво обележа еден магистрален тек со парадигми кои се препознатливи и специфични“, нагласува д-р Веле Смилевски.

Промоцијата на шестте тома на Собрани дела на Бранко Цветковски во Велес се случи како дел од манифестацијата Велес град на културата. 

Дијана Иванова