Бизнис инкубаторите- место каде идеите лесно се реализираат

22.02.2015 17:21

Им помогнаат на младите претприемачи да застанат на нозе во периодот кога бизнисот им е најранлив, им овозможуваат финансиска помош, простории и флексибилна кирија...

Формирањето и развојот на малите бизниси се многу важни за секоја економија, а бизнис инкубаторите се вистинското место каде идеите лесно доживуваат реализација. Им помогнаат на младите претприемачи да застанат на нозе во периодот кога бизнисот им е најранлив, им овозможуваат финансиска помош, простории и флексибилна кирија. Од овој претприемачки сервис во скопска Гази Баба досега произлегле над 40 – тина компании. Успешни на пазарот се покажале 85 проценти од нив. Изминативе седум години тука се креирани повеќе од 250 работни места.

„Идеи има многу а она што ние се трудиме да го овозможиме е тие идеи да се структурираат, тоа вклучува подолгроочен бизнис план. Целта и идејата е да се пронајдат себе си во рамките на својот бизнис и тоа да станени нивна животна определба“, вели Оливера Аритоноска, ПСМ фондација.

Како да се најде вработување и како да се почне успешен и одржлив бизнис, се клучните прашања со кои се соочува секој млад човек. Од Њу Менс бизнис акцелераторот се обидуваат со помош на странски фондови да им помогнат на новите страт ап компании да го развијат бизнисот и да станат конкурентни на пазарот. Извршниот директор, Ирена Чаушевска вели дека македонските претприемачи имаат квалитетни идеи, но најголем проблем се финансиите и стравот од неуспех.

„На запад викаат ако производот не е добар, подобро е побрзо да пропадне за да се развие нов. Претприемаштвото треба да биде кариера каде ќе се креидаат голем број производи и услуги“, нагласува Ирена Чаушевска, извршен директор на „Њу Менс бизнис акцелератор“.

Најголеми шанси за успех во следниов период ќе имаат стартапите чии услуги и производи ќе им заштедат време и финансии на купувачите. Во втора линија ќе бидат оние кои ќе успеат да креираат нови искуства за корисниците.

 

Сунчица Николоска