На охридското крајбрежје за две години ќе никне луксузен хотел
Започнаа активностите за изградба на луксузен хотел на охридското крајбрежје. За две години се очекува да никне хотел на светски познатиот хотелски бренд „Small luxury hotel“. Охридската локална самоуправа најавува изградба на уште два луксузни хотели, со што Охрид ќе стане мека и за елитните туристи...

Започнаа земјените работи на атрактивната локација близу Хотелот „Инекс Горица“ каде ќе се гради луксузен хотел на светски познатиот бренд „Small luxury hotel“. Се очекува хотелот да биде изграден за две години, а инвеститор е македонската компанија „Дивелоп груп“.
„Со тоа охридскиот хотелски туризам влегува во една нова насока, кога следеќи ги барањата и потребите на туристите кои што доаѓаат во Охрид се менува и квалитетот. Односно стандардите се подигаат на едно повисоко ниво,онакво какво што Охрид заслужува“, вели градоначалникот Никола Бакрачески.
Од локалната самоуправа најавуваат изградба на уште два луксузни хотели. Едниот близу каналот Студенчишта,а другиот кај туристичката населба „Свети Стефан“. На тој начин се очекува во Охрид да почнат да доаѓаат и поелитни туристи, кои досега беа реткост на охридското крајбрежје.
„Завршени се сите подготвителни работи. Се привршува урбанистичко планската документација со цел да се обезбеди можност за изградба на луксузни хотели. Со тоа Охрид ќе влезе во една нова ера кога инвеститорите се стимулираат да градат хотели од висока категорија, односно она што на градот Охрид му недостига, а за кое што гостите кои што престојуваат имаат барање и афинитети“, вели Бакрачески.
За изградба на хотелите има заинтересирани инвеститори од Катар, Турција, Индија и Кина.
Сашо Нелоски
