Могерини за МРТ: Европа ќе се брани од терористички напади преку стабилизација на регионот околу Средоземно Море

23.02.2015 11:19

Високиот претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност Федерика Могерини, ексклузивно за Македонската телевизија изјави дека најпрво ќе се стабилизира Либија, каде силите на Исламска држава освојуваат се повеќе територија...

Заканата од нови терористички напади на европско тло доаѓа одвнатре и однадвор и затоа ќе работиме за стабилизација на регионот околу Средоземното море, изјави високиот претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност Федерика Могерини за Македонската телевизија во Вашингтон.

Стратегијата на Европската Унија за борба против тероризмот е соработка со партнерите од Антитерористичката коалиција за превентивно работење и укажување дека терористите ја злоупотребуваат религијата.

„Нашите напори ќе бидат насочени кон внатрешната безбедност и кон дипломатијата. Клучно ќе биде разрешувањето на кризата околу Медитеранот, почнувајќи од Либија. Затоа ЕУ, САД, ООН ќе бараат начин како да се формира стабилна влада во Либија која ќе ги поддржува операциите за борба против терористите на ефективен начин“, изјави Федерика Могерини, висок претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност.

Заканата од тероризам расте и во иднина ќе бидеме сведоци на помали терористички акции, што не можат да се спречат од разузнавачките и полициските агенции и покрај зголеменото ниво на размена на информации меѓу партнерите, оценуваат од американскиот Национален комитет за борба против тероризмот.

„Нестабилноста во Левант, на Блискиот Исток и во Африка, ја забрза дезинтеграцијата на Ал- Каеда. Веруваме дека ваквата терористичка група која е распрскана на помали географски подрачја ќе изведува почести напади од помал обем кон сите, САД, сојузниците, партнерските земји насекаде во светот“, вели Ник Расмунсен, директор на американскиот Национален комитет против тероризам.

Исламската држава ги користи социјалните мрежи за да влијае врз младите и затоа САД и ЕУ усвоија стратегија за спречување на оваа пропаганда во соработка со Обединетите Арапски Емирати преку интернет сајт што ќе ја разоткрива пропагандата на Исламската држава. Америка и Европа ќе преземат мерки против регрутацијата на странските борци преку мониторинг на патувањата на своите државјани кон кризните подрачја. Стратегијата на терористите која ги охрабрува приврзаниците да направат што можат каде можат при изведувањето на терористички напади, ќе се спречува со превентивно влијание кај младите пред тие да станат радикални.

Америка и европските сојузници ќе ги снабдуваат со оружје и ќе вршат обука на сите сили кои се борат против Исламската држава на Блискиот Исток.

 

Ирина Гелевска, постојан дописник од Вашингтон за МРТ