Санација на ударните дупки низ тетовските улици
Конечно започна санацијата на ударните дупки по улиците низ Тетово. Најпрво се пополнуваат ударните дупки по главните градски булевари. Сепак, ова не е трајно решение за раскопаните улици. За нивна целосна обнова општината нема пари...

Започна санацијата на ударните дупки по тетовските улици. Дел од нив се веќе пополнети, на дел сеуште се работи. Секогаш се појавуваат после зимскиот период, по топењето на снегот и мразот. Тоа дополнително го отежнува и онака густиот сообраќај.
„Има многу улици кои се одамна асфалтирани и со само еден слој асфалт. На улиците на кои нема атмосферска канализација водата, при ниски температури, го прави своето“, смета Хусеин Демири – Раководител на сектор за сообраќај.
Тетовци се задоволни што се санираат барем дупките што можат да предизвикаат сериозна штета на нивните автомобили. Сметаат дека голем дел од улиците се толку оштетени што е потребна целосна обнова со поставување нов асфалт.
„Треба да се ископа и да се постави асфалт. Треба да се постави подебел слој асфалт, а не вака. Се гледа дека ова е од времето на комунизмот. Лошо, се е лошо“, рекоа жители на Тетово со кои поразговаравме.
Дупките се затвараа со песок и со бекатонски плочки. Ова засега е краткорочно решение. Но од секторот за сообраќај информираат дека засега пари за целосна обнова на улици нема.
„Нормално дека целосна обнова на улиците е подобар потег, меѓутоа секогаш треба да се видат и можностите“, смета Хусеин Демири – Раководител на сектор за сообраќај.
Средствата за санацијата на ударните дупки се издвоени од проектот за интервентни работи на локалната самоуправа.
Зоран Јованоски
