Кошарка НБА

Перо се врати на победнички патеки, ЛеБрон руши рекорди

23.02.2015 14:27

Најмногу поради ЛеБрон Џејмс, кој со својата “ол раунд” игра постигна 18 поени и по 7 скокови и асистенции, со што дојде до вкупно 24.383 во кариерата и сега е на 22 место на вечната листа на стрелци...

Во најновите 9 натпревари од НБА лигата највпечатлива беше победата на Кливленд во Њујорк со 101 : 83. Најмногу поради ЛеБрон Џејмс, кој со својата “ол раунд” игра постигна 18 поени и по 7 скокови и асистенции, со што дојде до вкупно 24.383 во кариерата и сега е на 22 место на вечната листа на стрелци. Зад него остана неговиот идол од младоста Ален Ајверсон, кој своевремено беше четирикратен најдобар поентер во лигата.

Џејмс веќе мина петмина на вечната листа сезонава и доколку продолжи со својот годинашен просек, до почетокот на плеј оф пресметките би можел да ги прескокне Реј Ален и Патрик Јуинг и да влезе во Топ 20 стрелци во историјата. Поважно та Кливленд е што во последните 10 меча има 8 победи и сега е на 4 место на истокот. Лидерот Атланта славеше во Милвоки 97 : 86 а Перо Антиќ имаше по 3 поени и скокови за 44 победа. На гости победи уште и Мемфис во Портланд со 98 :92, предводен од  Гасол со 21 поен. Индијана со 104 : 98 му го нанесе 10 пораз на најуспешниот сезонава Голден Стејт, кој играше без звездата Кари. Затоа пак Оклахома влезе во форма, која предводена од МВП на “ол стар” мечот Вестбрук со 21 поени и 17 асистенции го прегази Денвер со 119 : 94, а во вечното дерби на екипите кои комбинирано имаат 33 титули ЛА Лејкерс по продолжение го совлада Бостон со 118 :111. Во другите дуели Детроит - Вашингтон 106 : 89, Далас - Шарлот 92 : 81 и Орландо - Филаделфија 103 : 98.