Македонија со најголем напредок: Балканските комори ќе ја зголемуваат конурентноста

23.02.2015 15:52

Ако во 2008-ма до 2009-та земјава се наоѓала на 89-то место, веќе во 2014-та е на 63-то, односно ја подобрила позицијата за 26 места...

Анализата на индексот на глобална конкурентност на 10 земји од регионот во периодот од 6 години покажува дека најголем напредок направила Македонија. Ако во 2008-ма до 2009-та земјава се наоѓала на 89-то место, веќе во 2014-та е на 63-то, односно ја подобрила позицијата за 26 места. Истовремено Кипар забележал пад за 18, Грција за 14 и Србија за 9 места. Балканските комори со заеднички напори решија да ја зголемат конкурентноста.

„Конкурентноста се зголемува со образование и обука, ефикасен пазар на добра, добро функционирачки пазар на работна сила, софистицирани финансиски пазари, можност производството да се пласира на голам домашен и странски пазар и можност да се користат придобивките на најновите технологии“, вели Борис Тримчев, Стопанска комора на Македонија.

Економскиот амбиент и условите за инвестирање ќе се подобруваат во соработка со владите, а конкурентноста на микро ниво преку поинтензивна соработка.

„Беше искажана потреба од интензивирање на соработката во земјоделскиот сектор  и зголемување на размената во овој сегмент. Се разговара за проекти и во други сектори, пред се: обновливите извори на енергија и на транспортот“, додава Билјана Пеева-Ѓуриќ од Стопанската комора на Македонија.

Особено се атрактивни информатичките технологии кои овозможуваат  остварување  на најголема додадена вредност, велат од Комората.

 

Свето Николовски