Инфраструктура: Интензивно се работи на изградба на патиштата

25.02.2015 15:50

Во Македонија се градат три капитални патни правци со автопатско значење. Автопатот Кичево- Охрид е во подготвителна фаза, а патиштата Скопје-Штип и Демир Капија-Смоквица веќе ги даваат поволностите за возачите. Ангажирани се повеќе градежни компании, а се вработени голем број нови работници...

Рехабилитацијата на патниот правец Велес - Кадрифаково сеуште е во тек, а возачите  велат веќе се чуствуваат бенефитите.

„По безбедно е, побрзо се вози... До Лозово што е добар е патот, добро е направен, а натаму не е направен... Побезбедно е, поширок е патот прегледност има поубава“, велат граѓаните.

Во три фази е поделена рехабилитацијата на патната делница која во иднина ќе биде  експресен пат. Првата фаза започна пред две години, во моментов се работи на втората и третата.

„Ова ќе биде добро за граѓаните од источниот дел од РМ секако за поврзување на РМ со соседна Бугарија, исто за економскиот развој на нашата држава“, вели Томе Јаневски.

Според планираната динамика работите на 24 километарската делница треба да завршат до крајот на оваа година.

За рехабилитација на оваа патна делница ќе бидат потрошени 15 милиони евра. Средствата се обезбедени од Европската банка за обнова и развој.

Македонија е  една од ретките земји во соседството која интензивно работи на модернизација и изградба на нова патна мрежа. Се гради автопатот Демир Капија - Смоквица, Скопје - Штип и Кичево - Охрид.

Бројот на компании ангажирани во градежните работи постојано се зголемува, а расте и бројот на вработени. За експертите подеднакво важен е и бенефитот кој државата ќе го има по изградбата на магистралните и регионалните патишта.

„Ќе овозможиме на сите  кои транзитираат Север-Југ или Исток-Запад да се одлучат да ги користат коридорите кои минуваат низ Македонија, а тоа значи и финансиски ефект за самата држава“, додава Јаневски.

Во изминатите четири години, изгрдени и рехабилитирани се околу 680 километри  патишта, за што државата инвестираше  55 милиони евра.

 

Дијана Иванова