Претприемништво: Има идеи, недостига самодоверба

23.02.2015 16:34

Уште треба да се учи- сметаат дел од оние кои го изодеа тешкиот пат на бизнисот. Прилагодувањето на условите на пазарот е нужно потребно...

Страста кон работата и визијата во носењето на правилни одлуки во услови на ризик  се клучни за успешен бизнис. Има идеи, но нема реализација- недостига самодоверба. Уште треба да се учи- сметаат дел од оние кои го изодеа тешкиот пат на бизнисот.

Флексибилните компании кои ги интернационализираат своите производи и услуги, полесно пристапуваат на пазар кој е глобален - успешно пливаат, вели Љупка Наумовска, сопственик на старt- ап бизнис. Прилагодувањето  на условите на пазарот е нужно потребно.

„Мене ми се чини дека не постои бизнисмен, или сопственик на компанија, или претприемач којшто себе си се нарекува успешен, или доволно успешен. Тој термин е комплетно релативен и не може да му се препише како апсолутна вистина на никого, ниту локално, ниту глобално“, нагласува Наумовска.

Уште во школските клупи од основно образование учениците треба да добијат шанса  да се изучува претприемништвото. Од мали да размислуваат како да опстојуваат да создаваат да креираат и да прават пари.

Бизнисот треба да се шири и во стабилни и во непредвидливи услови. Наместо тоа компаниите го стегаат ременот и отпуштаат работници што повратно негативно се одразува на целиот производствен процес и воопшто целиот бизнис.

„За да почнеш со некој бизнис нормално е дека е потребна идеја, но без пари не можеш ниту да помислиш дека ќе стартуваш некаков бизнис. Идејата е дека покрај тоа што веруваш дека тоа што ќе го работиш ќе успее и ќе се валоризира трудот што го внесуваш“, вели консултантот Синиша Пекевски.

„Ако не можете да ја најдете работата од соништата, креирајте ја- не е лесно. Верувам дека кога ќе го правите тоа што го сакате ќе бидете посреќни“, вели претприемачот и автор, Костар Петров.

Она што треба да добие предност во наредниот период е развој на социјалното претприемништво. Бизнис секторот со подршка од државата ќе може да отвора компании кои ќе вработуваат  категории на граѓани кои се социјално ранливи и потешко наоѓаат работа на пазарот на трудот.

Ова менаџирање треба да создаде нови ланци во трговијата, фабрики но и нови компании во услужните дејности.

 

Дијана Ценевска