Скандинавски модел на Балканот: Македонија и Црна Гора со заедничка амбасада во Париз
Македонија и Црна Гора го пробија мразот. Договорија да ги водат своите дипломатски мисии во Париз од исти простории. Со ова се реализира идејата за заеднички амбасади што според двајцата министри за надворешни е балкански пример за држави со европска ориентација...

На Балканот профункционира скандинавскиот модел. Две држави да делат исто дипломатско преставништво. Скопје и Подгорица го потпишаа договорот со кој црногорските дипломати ќе се вселат во македонската амбасада во Париз. Двајцата министри за надворешни работи се согласија дека ова е пример за целиот регион.
„Во регионот оваа пракса не е така честа, така што сметам дека овој договор ќе има поголемо значење од само еден, условно кажано технички договор меѓу двете земји“, рече министерот за надворешни работи на Црна Гора, Игор Лукшиќ.
„Ќе се обидеме и ќе соработуваме за што е можно повеќе вакви решенија, можеби Лондон, Михен, Истанбул... Наша цел ќе биде што е можно повеќе вакви решенија да имаме, и од економски и од политички причини“, нагласи македонскиот шеф на дипломатијата, Никола Попоски.
Посетата на Лукшиќ беше искористена и за разговор за евроинтеграциите на двете земји, за размена на мислења за подобрување на економската соработка, како и за планови за туристичка промоција на двете земји.
Црногорскиот министер за надворешни работи се сретна и со претседателот Ѓорѓе Иванов.
Катерина Топалова
