Ахмети со писмо до Хан- бара вклучување на меѓународната заедница за надминување на политичката ситуација

23.02.2015 16:57

„Ситуацијата во земјата е загрижувачка и демократските капацитети на системот се ставени пред сериозен предизвик. Затоа, сметам дека итното и директно вклучување на Брисел, преку делегирање на политички тим, засилен со правни и истражни експерти, е неопходно“, вели Ахмети...

Лидерот на ДУИ, Али Ахмети испрати писмо до еврокомесарот Јоханес Хан во кое бара вклучување на меѓународната заедница за надминување на политичката ституација во земјава.

„Ситуацијата во земјата е загрижувачка и демократските капацитети на системот се ставени пред сериозен предизвик. Затоа, сметам дека итното и директно вклучување на Брисел, преку делегирање на политички тим, засилен со правни и истражни експерти, е неопходно“, вели Ахмети.

Според него, овој тим би ги осигурал сите засегнати страни дека процесот ќе биде кредибилен и непристрасен. Ахмети бара и интензивно вклучување на Брисел и Вашингтон во посредништвото меѓу Скопје и Атина за надминување на спорот за името.

„Овој спор мора да се затвори што е можно поскоро, но, решението не може да се постигне без интензивно вклучување на Брисел и Вашингтон во посредништво помеѓу Скопје и Атина. Нашите заеднички напори за да се постигне мир и да се изгради одржлива демократија во земјава не може да се сметаат како завршени без интеграцијата на Македонија во НАТО и почнување преговори за членство во Европската Унија“, му пишува Ахмети на Хан.