ЕП бара итно отворање на преговорите за членство на Македонија во ЕУ
Оваа препорака по 9-ти пат беше прифатена од мнозинството европратеници. Инаку до крајот на јануари беа поднесени вкупно 296 амандмани, од кои сосема очекувано 150 беа од страна на грчките и бугарските европратеници, кои на денешната расправа повторно настапија со истата реторика...

На Република Македонија што поскоро да и се овозможи да ги започне преговорите со Европската унија и да се прекине дискриминацијата кон нашата држава, која е спремна за почеток на преговорите, а само поради билатерален проблем, целата приказна трае многу долго - ова е пораката на известувачот за Македонија во Европскиот Парламент, Иво Вајгел на денешната втора расправа за предлог резолуцијата во рамките на Комитетот за надворешна политика во Европскиот парламент.
Оваа препорака по 9-ти пат беше прифатена од мнозинството европратеници. Инаку до крајот на јануари беа поднесени вкупно 296 амандмани, од кои сосема очекувано 150 беа од страна на грчките и бугарските европратеници, кои на денешната расправа повторно настапија со истата реторика дека спорот со уставното име на нашата држава е интернационален проблем и дека Македонија не ги исполнува Копенхашките критериуми, на што добија лекција за убаво однесување од страна на Вајгел, претендирајќи на нивната моментална ситуација.
„Јас им реков дека всушност треба во примарен интерес на Грција, Македонија да биде стабилна и да ги развива добрососедските односи“, изјави Иво Вајгел, известувач за Македонија во ЕП.
Им кажав дека состојбата во Грција е таква што бара голема солидарност од нас. И Грците таа солидарност ја добија, и правилно е што така постапивме, меѓутоа потребно е и од ваша страна да се покаже солидарност спрема Македонија и тоа би била вистинската политика на добрососедство.
Во корист на Македонија се 11 амандмани од романската еврпратеничка Монка Маковеј, 5-те амандмани од хрватските пратеници, Андреј Пленковиќ, Давор Стиер, Дубравка Суица и Маријана Петир, потоа 14 се на известувачот во сенка за Македонија, Едуард Кукан, и 9-те на Иво Вајгел.
Се очекува утре европските пратеници во рамките на АФЕТ да ја усвојат резолуцијата за Македонија, за истиот документ во финална верзија тие ќе се произнесат во средината на март на пленарната седница во Стразбур.
Марина Стојанова- Тонева, постојан дописник од Брисел за МРТ
