Фудбал

Фудбалските „тешкаши“ на сцена

24.02.2015 13:01

Во ова друштво на екс-европски шампиони само Манчестер Сити е „натрапникот“ без најблескавата круна во своите витрини.„Граѓаните“ се свесни за сопствената моќ,но и за годинитезад себе на неостварени резултатски мечти...

Јувентус, Борусија Дортмунд, Манчестер Сити, Барселона- четворица фудбалски великани, кои  вечер одново се во европското седло и имаат единствена цел да одјаваат до Берлин на завршната битка од Лигата на шампионите. Пат бескрајно долг и тежок, а првите пречки во нокаут фазата се исклучително високи!

Во ова друштво на екс-европски шампиони само Манчестер Сити е „натрапникот“ без најблескавата круна во своите витрини.„Граѓаните“ се свесни за сопствената моќ,но и за годинитезад себе на неостварени резултатски мечти. Новата сурова  реалност одново е Барселона. Барса, која лани во ова исто време и натпреварувачка фаза со две победи го елиминира Манчестер Сити: беше 2:0 на „Итихад“ и 2:1 на „Ноу Камп“! Агуеро вели дека минатото е избришано, а ова е нова пресметка на тимови, кои се разликуваат од лани и влегуваат во битка со многу посилен интензитет.Тренерот на Барселона Луис Енрике претпазливо  расудува дека е многу опасно да се биде прогласен за фаворит во Лигата на шампионите. Квалитетот ќе треба да се издемонстрира на теренот.Вечер во Манчестер започнува борба на фудбалските тешкаши.Ќе бидар разменети многу  удари, особено од јуришниците  Агуеро и Џеко на едната и Меси и Суарез на другата страна,но победничката рака сепак ќе биде крената дури по реваншот во Барселона. 

Торино ќе е вториот исто толку привлечен подиум. Ќе се соочат Јувентус и Борусија Дортмунд.Фудбалска претстава во која ќе провејува и психолошкиот момент.Последен пат меѓусебно беа соочени пред 18 години во финалето од Лигата на шампионите на олимпискиот стадион во Минхен. Славеше Борусија со 3:1 за вечно паметење.Како што останува лузната и во сеќавањата на Јуве..Денеска „црно-белите“ се со додатен товар, тие  се  единствениот италијански репрезент во нокаут фазата од Лигата на шампионите.Тренерот Масимилијано Алегри зад себе има фантастична резултатска серија од 20 натпревари без пораз и уверливо лидерство на табелата во Серија А!Но, знае дека е очи в очи со ранет лав! Борусија е во грч. Таа е давеник во Бундес лигата, кој полека се совзема, а долг пат во Лигата на шампионите може да биде катализатор на незадоволството што владее на „Вестфален“.По трите последни првенствени победи,кои го стабилизираат клупскиот притисок, тренерот Јирген Клоп со поголемо спокојство и самодоверба ќе го испрати својот состав на тревникот на Јувентус стадионот.